Наш претставник на третиот транснационален состанок во рамки на NELCA проектот

Ѓорѓина Димова, како претставник на ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино учествуваше на третиот проектен состанок во рамки на проектот “Creating the Network of Excellent ULCA Schools”. Состанокот се одржа на 29 и 30 декември во Рига, Латвија. На состанокот претставниците од различните партнерски организации дискутираа за активностите во рамките на проектот, како и роковите за нивна имплементација. Особено фокус беше ставен на подготовката и креирањето на содржините во рамки на обуките: Иновативна технологија во училницата, Креативна методологија со фокус на ученикот за наставници од основните училишта и Креативна методологија со фокус на ученикот за универзитетски професори, кои е планирано да се изработат во рамки на проектот, како и последователните обуки – Градење одлични училишта и градење визии во училиштата. Се разговараше и за извештајот кој треба да се изработи до крајот на оваа година, како и потребните документи.

Официјално беше промовирана и Меѓународната асоцијација на иновативни наставници и менаџери во образованието (IAITME) и за време на состанокот беше формиран лидерскиот тим. За претседател на IAITME е избрана Јана Чинорадска, Словачка, а потпретседатели се Маркета Руснакова (Словачка), Маја Виденовиќ (Македонија), Ванда Новоксонова (Латвија) ​​и Ирена Жемаитаите (Литванија).

IAITME е асоцијација која обединува експерти, иноватори и образовни организации од различни земји и за подобрување на образованието на сите нивоа. Целта е да се промовираат иновативни пристапи во образованието, да се поврзат меѓународните образовни заедници, да се споделат најдобрите практики и да се промовира креирање на настава со фокус на ученикот во образовните институции.